
Компаниите се повеќе бараат вработени чии ,,меки вештини‘‘ се високо развиени. Комуникациските вештини, проактивноста, динамичноста, флексибилноста и посветеноста кон купувачите и нивните потреби предводат на списокот со барања.
Заеднички именител за сите работодавачи денес се очекувањата нивните вработени и кандидатите за вработување да поседуваат многу повеќе вештини одошто кога било во минатото. Одговорите на прашањата со кои на интервју за работа испитуваат каков комуникатор сте, дали умеете да соработувате со луѓе, како функционирате во рамки на тим, дали сте способни за лидерска функција и слично, даваат претстава за тоа какви ,,меки вештини‘‘ поседувате.
Што се тоа ,,меки вештини‘‘
,,Меките вештини‘‘ се лични особини, социјални вештини и способности што на личноста и овозможуваат да гради успешна кариера. Силната работна етика, добрите комуникациски вештини, способноста да се управува времето, да се решаваат проблеми, тимската работа, самодовербата, потоа способноста да се прифаќа критика и да се учи од неа, претставуваат ,,меки вештини‘‘ што ве препорачуваат за одредено работно место. ,,Меките вештини‘‘ ги надополнуваат ,,тврдите вештини‘‘ кои претставуваат збир од стекнато формално образование, стручни знаења и професионални искуства што се таложат во текот на кариерата.
Тимска работа
Работодавачите имаат потреба од вработени кои се способни добро да работат во тимови. Но, да се биде добар тимски играч не значи дека само треба да се биде спремен за соработка, туку и да се покаже лидерска способност за решавање на проблемите во работата и остварување на резултати.
Ефективна комуникација
Денес не е доволно само да се говори, туку да се говори на начин што дава резултати. Ефективната комуникација гради мостови на разбирање и соработка што ги поврзуваат организацијата, луѓето и резултатите. Ефективниот комуникатор развива разбирање и добра соработка со претпоставените, со луѓето со кои управува и со купувачите. Добриот комуникатор говори јасно, разбирливо и аргументирано и влијае на другите да ги прифаќаат идеите и предлозите што создаваат повисоки резултати.
Приоритети и работење на повеќе задачи во исто време
Природата на бизнисот и работата денес е толку динамична, што стана речиси неможно да се работи само на една задача. Работењето на повеќе задачи во исто време од личноста бара способност да препознава што е приоритетно важно за да се справи со задачите на време и квалитетно.
Креативност
Креативноста е уште една ,,мека вештина‘‘ што се‘ повеќе се цени и се бара. Да се биде креативен во работата значи, пред се, да се размислува надвор од рамката на очигледното. Креативните вработени се способни да ги предвидуваат ризиците и да наоѓаат начини проблемите да ги решаваат на иновативен и ефектен начин.
За успех се потребни многу вештини, вклучувајќи и такви што ве дефинираат како вешт комуникатор, внимателен слушател, успешен преговарач, добар тимски играч и решавач на проблеми, но и ефектен посредник во конфликти и лидер. Силата на ,,меките вештини‘‘ денес може да го стави човека во орбитата на успешните побрзо од кога било во минатото. Затоа е важно да се посветите на нивниот развој.
Поврзани тренинг програми:
Лидерство
Решавање на проблеми
Одлучување
Управување со криза и конфликт
Комуникациски вештини
Преговарачки вештини
Тимска работа
Маркет Ком Консалтинг • 16 март 2018 година