12 Предрасуди и вистини за претприемаштвото

8-12-predrasudi-i-vistini-za-pretpriemastvoto-975x650

Постојат повеќе причини зошто некoј одлучува да започне сопствен бизнис. Некои тоа го прават поради желбата да бидат самостојни и успешни, а некои затоа што имаат потреба да создадат работно место и приходи за себе и своето семејство. Светската статистика бележи дека има 6 претприемачи на секои 100 жители. Без оглед која е причината поради која одлучиле да почнат сопствен бизнис, скоро сите се соочиле или се соочуваат со предрасудите на средината за претприемаштвото.

Предрасуда 1. Во бизнисот жртвувате многу.

Вистина 1. Во секоја работа жртвувате.

Суштината е во тоа што жртвувате и дали тоа се исплати. Да се жртвувате за плата или за профит не е исто. Платата ќе ја потрошите на тековни, животни трошоци, ама добивката можете да ја реинвестирате и да создавате нов капитал.

Предрасуда 2. Луѓето мислат дека сте алчни или опседнати со работа.

Вистина 2. Не грижeте се што мислат другите.

Важно е вие да знаете зошто тоа го правите и што сакате да постигнете. Претприемачите се среќни што се самостојни, што никому не треба да се молат да ги издржува нив и нивното семејство, што се слободни да создаваат и да уживаат во работата. Затоа, одете го својот пат до целта и не трошете енергија на тоа што мислат другите.

Предрасуда 3. Богатството може да ве изолира од средината.

Вистина 3. Претприемачот развива многу повеќе односи со средината од луѓето кои немаат сопствен бизнис.

Претприемачот се поврзува со вработените, со купувачите и со деловните партнери. Дел од овие познанства прераснуваат во силни, трајни пријателства. Претприемачите создаваат квалитетни пријателства со луѓе со кои имаат разбирање, со кои споделуваат корисни искуства, знаења и информации, и уживаат во работата и дружењето.

Предрасуда 4. Семејството и пријателите можат да ве третираат поинаку.

Вистина 4. Промените создаваат нов квалитет во односите.

Кога имате сопствен бизнис, некои улоги во семејството и во домаќинството можат да се променат, но таквите промени се договараат со консензус и тоа  позитивно влијае на вашиот бизнис. Многу претприемачи изгубиле дел од нивните пријатели поради завист или чувство на пониска вредност. Можеби ќе чувствувате непријатност, но, ако тоа ви се случи, имајте предвид дека пријателите што се откажале од вас, затоа што преку сопствен бизнис си обезбедивте работа и плата, всушност никогаш не ви биле искрени пријатели. Семејството и вистинските пријатели нема да се откажат од вас затоа што сте успешни. Напротив, тие секогаш ќе ве поддржуваат и ќе се радуваат за вас.

Предрасуда 5. Поради парите можете да ја изгубите вашата перцепција за стварноста.

Вистина 5. Претприемачите се реалистични луѓе.

Претприемачите цврсто газат на земја и ретко ја губат перцепцијата за стварноста. Тие се зрели личности и имаат здрав однос кон парите и успехот. Претприемачот знае дека парите даваат слобода да се биде креативен и да се ужива во споделувањето со другите.

Предрасуда 6. Вашите пари стануваат средство за привлекување на внимание.

Вистина 6. Тоа најчесто не е така.

Не е грев да си купите автомобил, стан, нов мобилен или тоа што ќе посакате, ако бизнисот ви е стабилен и имате доволно пари за да го одржувате функционален и профитабилен. Патувањето со добар автомобил е сигурно побезбедно и попријатно одошто патувањето со амортизиран автомобил или со јавниот превоз. Сепак, повеќето претприемачи се претпазливи со парите и не си дозволуваат луксуз во трошењето.

8a-12-predrasudi-i-vistini-za-pretpriemastvoto-475x365

,,Претприемачот секогаш бара промена, одговара на промената и ја користи како можност.‘‘  – Питер Дракер

Предрасуда 7. Вашите деца не ја ценат вредноста на парите.

Вистина 7: Ова не е точно.

Вашите деца нема да ја ценат вредноста на парите само ако така ги воспитате, односно ако пропуштите да ги научите преку лично искуство дека чесните пари тешко се заработуваат, но, затоа, пак, се ценат. Децата многу повеќе ќе ги ценат парите што самите ги заработуваат одошто тие што ги добиваат од родителите. Вклучете ги во бизнисот и научете ги како се создаваат вредности.

Предрасуда 8. Луѓето секогаш сакаат нешто од вас.

Вистина 8: Повеќето нема никогаш ништо да посакаат од вас.

Луѓето ги доживуваат претприемачите како успешни и способни, затоа треба да прифатите дека некои луѓе ќе ви се обраќаат за помош. Најчесто бараат да им помогнете во врска со вработување или да им овозможите да се поврзат со луѓе од вашиот круг на деловни партнери и пријатели за преку нив да остварат одреден интерес. Ретки се тие кои ќе се осмелат да бараат неприфатливи нешта, но, дури и да е тоа така, вие сте доволно зрели, искусни и способни да се справите со тоа на вистинскиот начин. Сепак, повеќето нема да бараат ништо од вас.

Предрасуда 9. Работите што сте ги посакувале во минатото ги купувате веднаш штом доволно сте заработиле.

Вистина 9. Луѓето се менуваат, а со тоа и нивните желби и потреби.

Бизнисот ја менува перцепцијата на луѓето за светот околу нив и ги менува нивните потреби, желби и интереси. Тоа што некогаш сте посакувале да го поседувате подоцна нема да ви биде привлечно. Колку повеќе пари имате, толку повеќе трошите на збогатување со животни искуства преку патувања, посетување на настани и социјализација, а се помалку за материјални богатства. Некои претприемачи се чувствуваат среќни што можат дел од заработеното да го дадат на луѓе на кои им е потребна финансиска и материјална помош. Некои претприемачи почнале сопствен бизнис сонувајќи за денот кога ќе заработуваат повеќе од плата за да можат да им помагаат на другите.

Предрасуда 10. Станувате свесни за луѓето кои се побогати од вас.

Вистина 10. Тоа не е многу важно, освен ако сакате да соработувате со нив.

Никогаш нема да дознаете колку некој е богат ако не наидете на статистички податок, но, тоа не е суштината на вашиот бизнис. Информацијата колку некој е богат може да ви користи ако сакате да воспоставите соработка. Но, навистина не е важно колку се побогати другите од вас, туку дали можете да им помогнете на оние кои се посиромашни од вас, зашто тоа ќе ве исполнува, а не зависта кон оние што имаат повеќе.

Предрасуда 11. Не знаете што следно да правите.

Вистина 11. Претприемачот има повеќе предизвици и повеќе идеи за бизнис.

Има многу планини за искачување. Прашањето е колку планини си поставивте за цел. Мотивацијата и предизвикот за идните проекти се внатрешни прашања за кои претприемачот има одговори кога е дојдено времето за промени.

Предрасуда 12. Парите не ве менуваат одвнатре.

Вистина 12. Парите можат да ве променат одвнатре.

Доколку ги трошите за вистински цели, парите сериозно можат да ве променат на подобро. Посетете некоја вистински добра обука што ќе ви даде одговори на многу прашања и ќе ви отвори нови видици и перспективи за успех. Посетете слични бизниси во странство, научете како го создаваат нивниот успех, изградете нови партнерства што ќе отворат нови перспективи. Обидете се да му помогнете на некој сиромав и веднаш ќе почувствувате внатрешна промена. Парите ви даваат шанса да станете подобар човек, да вложувате во нови успеси и да бидете корисни за сите околу вас.

Билјана Хејхрст • 28 април 2018 година

biljana-300x300

Билјана Хејхрст е директор на консалтинг компанијата Leaders Improve од Велика Британија и раководител на секторот за организациски развој и човечки ресурси People Director. Билјана го основаше Маркет Ком Консалтинг во 2000-та година, првиот менаџмент консалтинг во Република Македонија. Во 2001 година ја стартуваше МКК Менаџмент Академијата и обучи над 5.000 директори,  претприемачи, сопственици на бизниси, менаџери, раководители и тимови.

Поврзани тренинг програми:

Како да основате сопствен бизнис – Од идеја до реализација
Деловно планирање: Како да подготвите бизнис план

Како да ја подобрите вашата продуктивност
4 Вистини за лидерството

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top