
Бизнисот денес се наоѓа во фаза од развојот во која неговиот успех најмногу зависи од лидерските компетенции и од нивното влијание врз организациските перформанси.
Денес можете полесно и побрзо да обезбедите потребни ресурси, одошто да изградите компетентна организација. Зошто? Затоа што е неопходно да се применат лидерски компетенции за кои е потребно време да се развијат.
1. Менаџирањето не е доволно. Потребно е лидерство
Ако во минатото фокусот на најуспешните бизниси во светската економија беше врз менаџирањето, денес тие се фокусирани на лидерството.
Порано организациите бараа од менаџерите да умеат да го одржат бизнисот преку планирање, организирање и координација. Денес компаниите бараат лидери кои знаат како да го развиваат бизнисот, да иновираат и да го менуваат и да ги инспирираат и мотивираат вработените да се развиваат и да создаваат повеќе.
Менаџерите го управуваат системот каков што е, а лидерите постојано го менуваат и го подобруваат преку иновации и развивање на перформансите на луѓето и на организацијата. Соочени со брзи промени и со силна конкуренција, компаниите имаат објективна потреба од компетентни лидери.
2. Лидерите создаваат синергија
Ефикасноста и успехот бараат висок степен на синергија помеѓу организациските единици, помеѓу врвниот и средниот менаџмент, но и синергија помеѓу менаџментот и вработените во сите организациски сегменти. Синергијата ви помага да ги насочите и водите ресурсите кон остварување на стратешките цели. Со други зборови, кога сите во организацијата делуваат како едно, насочени кон иста цел, ефикасноста и резултатите растат.
За да испорачаат успех лидерите мора да умеат да создаваат синергија, што од нив бара да поседуваат соодветни знаења и вештини. Лидерите кои синергизираат се вешти комуникатори. Тие инспирираат и водат пренесувајќи им ги визијата, вредностите и целите на вработените.
Лидерите создаваат доверба, соработка и тимски дух меѓу вработените, ги поврзуваат, ги советуваат и ги водат во процеси на постојани подобрувања и промени. Опстанокот и успехот на бизнисот денес зависат од тоа дали менаџментот поседува лидерски вештини.
3. Лидерите развиваат организациска компетентност
Лидерите развиваат различни организациски компетенции како што се: координација помеѓу организациски единици и надворешни субјекти, оптимизирано користење на ресурси, дефинирање на цели и делегирање, работа на проекти, решавање на проблеми и многу други функции. Организациската компетентност се развива преку постојано учење и примена на разновидни знаења во пракса.
Освен што ги развива сопствените компетенции, лидерот ги развива и вработените преку пренесување на знаења и создавање на окружување во кое можат да се развиваат и да го подобруваат квалитетот. Од лидерот денес се бара да пренесува и да применува нови знаења за да овозможи бизнисот да се развива и да биде конкурентен.
4. Менаџерот ја смени улогата. Стана лидер
Менаџерите повеќе не се централизирани авторитети кои ја диктираат работата. Нивната улога од минатото, која бараше само работата да се заврши, денес е целосно сменета. Менаџерите денес се лидери кои треба да обезбедат секој поединец во тимот да има соодветно разбирање, знаење и вештини за работата, да знае што треба да прави и на каков начин да дојде до целта.
Конкуренцијата, новите бизнис модели и новите технологии ја променија улогата на менаџерот од супервизор во лидер. Примената на најдобрите практики, протокот на знаењата и успехот на бизнисот во најголем дел не зависат од супервизорската улога на менаџментот, туку од тоа дали менаџерите поседуваат соодветни лидерски знаења и вештини.
Маркет Ком Консалтинг • 9 Април 2018 година
Поврзани тренинг програми:
Основи на менаџмент
Лидерство
Развивање на лидери
Како да ја подобрите деловната перформанса
Како да ја подобрите перформансата на вработените
Мотивирање и наградување на вработените
Развој на човечките ресурси
Тимска работа
Емоционална интелигенција
Обука за обучувачи
Како да дизајнираш и спроведеш обука за твоите вработени
Коучинг на вработени
Коучинг вештини за менаџери и лидери