
Без да знаете каде сакате да се најдете, што сакате да остварите и како ќе изгледа вашиот успех, без цели и без план сигурно ќе се најдете таму кадешто воопшто не сте замислувале дека можете да се најдете.
Без да имате стратегија, цели и план сеедно е што ќе правите во текот на годината кога на крајот, без оглед на вложувањата, ќе завршите со пребројување на неуспесите и загубите. Затоа, пред да почнете да правите што било, прво одлучете кои цели сакате да ги остварите, а потоа направете план како ќе го направите тоа.
Дефинирајте ги целите
Не можете да постигнете нешто ако не знаете што е тоа. Која е вашата цел? Без цел во бизнисот, како и во животот, потфрлањата и неуспехот се извесни. Целта ви помага да го конкретизирате успехот и да тргнете во правилна насока за да го остварите. За да дефинирате цели соодветно со потребите на вашата работа, најнапред анализирајте ги претходните активности, остварувања и промашувања.
,,Најдобар начин да ја предвидите иднината е да ја создадете.‘‘ Питер Дракер
Тоа ќе ви помогне да утврдите што (не) треба да правите за да успеете.
Ревидирајте ја стратегијата
Во фаза на ревидирање на стратегијата, насочете се кон пазарот, кон целните групи на купувачи и корисници на вашите производи или услуги. Вашите цели мора да се поврзани со потребите на вашите клиенти за да имате успех.
Креирајте оперативен план
Кога имате оперативен план, не само што знаете што треба да остварите, туку имате и целосна контрола врз времето и резултатите. Ако сакате успех, раст и развој, планот мора да биде вашата основна алатка за работа.
Поврзете ги луѓето со целите
Да се поврзе секој поединец со стратегијата и целите е една од најважните работи за постигнување на успех. Нивното поврзување ви помага да ја водите работата во посакуваниот правец. Информирајте ги вработените што треба да остварите сите заедно. Вклучете ги во планирањето на активности што ве приближуваат кон целта. Доколку им е потребна дополнителна обука во врска со некои задачи, обучете ги. Можеби треба да инвестирате и во други ресурси? Ако треба, направете го тоа! Направете се што ќе ве подготви добро одвнатре за да ги остварите целите.
Зачувајте ја флексибилноста
Останете флексибилни во текот на спроведувањето на планот и менувајте ги оние детали што помагаат да се остварат очекувањата. Нема план што барем малку не се менува во фазата на негово спроведување. Но, менувањето на планот мора да оди во чекор со промените од кои зависи успехот.
Бидете лидер во акција
Исто како што плановите не се остваруваат сами по себе, така и успехот не е достижен без вистински лидер. Затоа, бидете лидер и дејствувајте. Откако дефиниравте цели и стратегија, имате план и знаете што треба да се прави, веќе сте подготвени да ги водите луѓето во акција. Точно знаете каде и како да ги водите луѓето. И не престанувајте да ги инспирирате, да ги поттикнувате и мотивирате. Влевањето позитивна енергија и развивањето на самодовербата ви помага на сите да дојдете до целта со успех и задоволство.
Билјана Хејхрст • 15 март 2018 година

Билјана Хејхрст е директор на консалтинг компанијата Leaders Improve од Велика Британија и раководител на секторот за организациски развој и човечки ресурси People Director. Билјана го основаше Маркет Ком Консалтинг во 2000-та година, првиот менаџмент консалтинг во Република Македонија. Во 2001 година ја стартуваше МКК Менаџмент Академијата и обучи над 5.000 директори, претприемачи, сопственици на бизниси, менаџери, раководители и тимови.
Од тренинг програмите:
Стратешко планирање
Оперативно планирање
Лидерство